Пишува: Стојан АНДОВ
Деновиве околу 200 интелектуалци напишаа, потпишаа и објавија документ со кој се бара од нашата влада веднаш да ги прекине преговорите за решавање на спорот во врска со името на нашата земја. Верувам дека тоа го сторија мотивирани од здравиот разум и чувството на национална гордост. Текстот содржи многу убедувања, искази и осуди, но главно е во рамките на мотивите кои ги принудиле овие угледни луѓе да состават и да објават таков документ.
Меѓутоа, не секогаш здравиот разум е навистина здрав разум. А и националната гордост понекогаш не е во склад со околностите кои ја поткрепуваат, туку и едната и другата категорија во практиката понекогаш се покажале само како лош привид. Ниту амбициите биле поставени врз вистинскиот здрав разум, ниту пак воделе кон заштита на нашата национална гордост, туку и едниот и другиот елемент директно ги загрозувале.
Овој обид на оваа група интелектуалци ме потсетува на тешките и драматични настани во 1993 година, пред приемот на нашата земја во ОН. И здравиот разум и националната гордост тогаш беа поматени кај оние кои се спротивставија на таа политика, а беа цврсто убедени дека се во право. Некои дури најавуваа и штрајк со глад.
Ако тогаш не прифатевме Република Македонија да стане полноправен член на ОН, ќе продолжеше претходната состојба со нас и со нашата држава, а таа беше одредена со императивното барање на ЕЗ во Декларацијата од Лисабон, нашата земја да биде признаена како независна само тогаш кога ќе прифати име кое не го содржи зборот Македонија или изведенка од него.
Тогаш имаше и вакви интелектуални обраќања и бројни собири, но и голема и цврста опозиција кои сите заедно беа против прифаќањето на приемот на нашата земја во ОН, поради референцата „поранешна југословенска Република Македонија“. Сите тие, со исклучок на поединци што можат да се избројат на една рака, денес знаат дека нивниот тогашен здрав разум и национална гордост биле само привид кои и народот и државата можеше да ги однесат во пропаст.
За пример може да се земе и состојбата во 1995 година кога беше потпишана познатата Привремена спогодба. И тогаш имаше повици од интелектуалци, но и закани за собирања и масовни демонстрации со разорна сила. Тогашните драматични околности (особено неуспешниот атентат врз тогашниот претседател на републиката Киро Глигоров) спречија да дојде до национална експлозија што ќе доведеше до национална катаклизма.
Денес најголем број од сегашните потписници на овој документ фактички ја бранат позицијата на Република Македонија изградена со приемот на нашата држава во ОН во 1993 година, и со Привремената спогодба склучена и потпишана на 13 септември 1995 година, и на таа сопствена позиција поставуваат барања кои не носат ништо добро, туку можат да го доведат во прашање веќе постигнатото.
За волја на вистината и во Грција има вакви интелектуалци, меѓународно познати учени луѓе и луѓе од уметноста, кои по сопствено убедување се раководат од здравиот разум и од нивните патриотски чувства, а во името на националната гордост бараат да се прекинат сегашните преговори и да не се прифати во името на нашата земја да стои зборот Македонија или изведенка од него. За среќа, угледни луѓе во Грција, меѓу нив и поранешни премиери се јавија против тој грчки националистички занес.
Одлуката на владите на Македонија и на Грција да почнат преговори со кои ќе биде решен овој веќе 27 годишен спор, кој не само што ни причинува големи штети, туку се повеќе станува важен фактор кој може да ја наруши стабилноста во регионот, предизвикана е од неодложните потреби овој спор што поитно да се реши. Притоа одговорноста е на секоја од двете влади за тоа каков ќе биде исходот од овие преговори.
На владите и на едната и на другата земја им се потребни сугестии и предлози што ќе дојдат од јавноста, пред се од интелектуалните кругови, за тоа како да се водат преговорите, на што да се засноваат нашите ставови итн. Но во целина земено, оваа храбра одлука на двете влади да почнат преговори со цел дефинитивно да го решат овој спор треба да биде широко поддржана.