Заев за тврдењата на Боки: Не коментирам вакви изјави зашто се неточни

by Frosina Fakova

Лидерот на СДСМ Зоран Заев не негира дека имал средби со Бојан Јовановски кога гостувал во веќе згаснатата телевизија 1 ТВ, но тврди дека не се точни тврдењата на Јовановски дека Заев го предупредувал дека странски обвинител и странски служби имале предмет за него и за поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева.

-Не коментирам вакви изјави зашто се неточни. Секако, секогаш со секој човек што сум се гледал сум апелирал на законско работење и тоа денеска го потврдувам. Јас не негирам дека сум имал средби со Бојан Јовановски во телевизијата, како и сите други кога биле гости. Секогаш сме коментирале одредени ситуации, општествени, било какви. Но, ако некогаш сум искоментирал дека некој може да прави незаконско дејство или има индиции, нешто сум наслушнал, јас тоа секогаш сум го кажувал заради тоа што законите мора да важат еднакво за сите, рече Заев.

Јовановски на денешното рочиште рече дека на 3 април 2019 година Зоран Заев, му кажал дека него и Катица Јанева ги следат странски служби и оти не знае што ќе прави.

– Точно е дека сум бил симпатизер на СДСМ и дел од шарената револуција. На тој ден во мојата канцеларија ми беше соопштено дека странски обвинител има подготвено обвинение. Штета што не беше вештачен мојот телефон, да се види дека јас прв пријавувам кај Оливер Спасовски дека Орце Камчев ме снимал, рече Јовановски во одбраната.

Поврзани новости