Вуиќ: Коментарот на судијката за Зеќири за ,,слави”, додека е во жалост за својот брат, е нечовечки!

by fokus

На последното рочиште за случајот во кој му се суди на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска истакна дека ќе испрати вештак за да се увери дали обвинетиот може да присуствува на следното рочиште, закажано за десет дена.

На последното рочиште, адвокатите на Зеќири донесоа психијатар, кој е и вештак, за да образложи дека обвинетиот не е во добра психичка состојба, поради смртта на неговиот брат, но судијката се налути дека докторот не смеел да оди во домот на Зеќири без претходна судска дозвола.

-Лицата во куќен притвор се под ист режим како лицата во притвор. Само притворот го издржуваат во домашен притвор. За секој медицински преглед се бара дозвола од судот, посочи судијката.

Адвокатот Мирослав Вуиќ реагира дека од решението за куќен притвор јасно се заклучува дека неговиот клиент дека нема забрана да добие посета од медицинско лице.

-На Зеќири не му е забранета посета во неговиот дом, само тој не смее да го напушта. Има забрана за комуникација со лица инволвирани во предметот. Зарем ако му е потребна Брза Помош, прво ќе треба да бара дозвола од судот за да ја повика?, прашува адвокатот.

Имено и во решението за куќен притвор на екс генералниот секретар пишува дека му се забранува да го напушта домот без дозвола од судот, му се забранува да комуницира со лица опфатени во кривично правниот настан, како и да употребува средства за комуникација.

Судијката пак на судењето ги опомена адвокатите во иднина за секоја потреба за посета од доктор во домашна посета да бараат дозвола од судот.

-Судот треба да биде во тек со здравствената состојба на обвинетиот. Не можете да влегувате кога сакате во домот на обвинетиот. Ајде ако не, слави да прави, реагираше судијката.

Адвокатот Вуиќ вели дека ваквата реплика на судијката, да прави слави, кога тој е во жалост за својот брат, била нечовечна.

– Судијката е информирана дека на Зеќири му е влошена здравствената состојба поради смртта на неговиот брат, а таа вели ,,ако не па да прави слави”.  Ова е страшно, нема никаква човечност и хуманост, ни изјави Вуиќ.

Според психијатарот кој го прегледал Зеќири, тој би можел да продолжи да го следи судењет по период од 4 до 6 недели, бидејќи порано не би бил во состојба активно да го следи рочиштето.

И покрај ваквото тврдење на докторот, судијката издаде наредба друго вешто лице да го прегледа Зеќири и да ја утврди неговата здравствена состојба.

Според обвинението, Зеќири е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување, односно дека како службено лице генерален секретар на Владата, со умисла извршил две временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

– Тој, во периодот од месец април 2021 година до месец март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги, стои во обвнителниот акт.

В.В.

Поврзани новости