Министерката за образование Весна Јаневска вели дека и да имаат волшебно стапче нема да стигнат до септември да обезбедат учебници. Таа нагласи дека ќе ја одложи концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение.
– Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат, некои не се одобрени, а некои се без рецензија или не се ни напишани. Волшебно стапче да имаме нема да стигнеме до септември – рече министерката Весна Јаневска.
Таа додаде дека децата треба да учат од учебниците од кои учеле минатата учебна година, но дека министерството мора да провери дали одговараат на програмата и дали се компатибилни на копнцепцијата. Надлежните велат дека учебниците се соодветни, освен неколку теми за кои може да се направат наставни материјали, вели Јаневска.
– Ќе ја одложиме концепцијата за седмо, осмо и деветто. Ако некоја тема не е соодветна во учебниците наставниците ќе треба да им посочат друга литература и да им ја предадат темата – рече Јаневска.
За недела-две најави дека ќе соопштат какво решение ќе се изнајде. Смета дека во Македонија ниту учениците, ниту наставниците не се спремни да не учат од учебници, а искуството покажало дека и во земјите од западот, како Шведска, по воведување на дигитализацијата повторно се враќаат и на учебниците.