Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, и нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.
– Со оваа наредба, којашто стапува во сила веднаш, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19, соопшти кабинетот на Пендаровски.
Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.
За спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата.
Армијата на Република Северна Македонија, и во минатото врз основа на истите правни основи била ангажирана во отстранување на последици од елементарни непогоди и поддршка на државните институции во мирновремени услови.