Во резиденцијата на албанскиот претседател се играше оро на македонската песна „Бисер балкански“

by fokus

Во дворот на претседателската резиденција во Тирана, денеска се виеше оро на познатата македонска народна песна „Бисер балкански“, во кое учествуваше шефот на албанската држава Илир Мета и претставниците на малцинствата, информираа од македонското друштво „Илинден“ .

Кај претседателот Мета по првпат се одржува ваква средба по повод Меѓународниот ден на културниот диверзитет и дијалог, за која посебен простор отстапуваат и домашните медуми.

-Овој ден ни нуди одлична можност да ја промовираме културната разновидност и да ги разбереме неговите вредности. Да се промовира и поттикне културниот дијалог со истакнување на богатството на малцинските култури во нашата земја, да се живее заедно во мир и хармонија и да се почитуваат правата на сите граѓани и заедници кои живеат и работат во Албанија, рече Мета на средбата.

Посочи дека почитувањето и заштита на националните малцинства, како нераскинлив дел од албанското општество, е зацртано со Уставот, со признавање на правото на слободно изразување без попречување или принудување на зјаснувањето на нивната етничка, културна, верска и јазична припадност и правото да ги зачуваат и развиваат, да учат и да се учи на нивниот мајчин јазик.

На средбата присуствуваше и седумчлена делегација на македонското друштво „Илинден“ предводена од Елса Џелили, координаторка за округот Елбасан.

Предвидено е да се обрати пред претседателот и учесниците на средбата во кое ќе зборува за македонската етничка заедница, областите и градовите каде што живее, организираноста во друштва и здруженија, културата и особеностите.

Поврзани новости