Громогласниот молк на СДС додека нивниот поранешен коалициски партнер Али Ахмети, отворено ги уценува Македонците е алармантен и загрижувачки, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако СДС веќе не е на власт, нивниот молк сè уште остава сериозни последици врз политичката сцена во Македонија. Каде се денес Зоран Заев и неговите наследници од СДС кои ветуваа „едно општество за сите“!? Како е можно партија која толку долго беше на власт, сега да биде целосно незаинтересирана и пасивна во однос на изјавите и заканите на Ахмети?
Дали е уценета СДС? Дали СДС ја загуби целосната контрола над своите поранешни партнери и сега само набљудува од страна додека се случува ова опасно сценарио?
Не е тајна дека ДУИ и СДС заедно се симбол на криминалот и корупцијата кои ја разјадуваа Македонија за време на нивното владеење. Дури и сега, кога се во опозиција, нивната неспособност да се справат со последиците од нивната власт е очигледна. Тоа е вистинскиот проблем на Македонија денес – наследството на неспособност и корупција што го остави СДС зад себе.
Дополнително, денешниот настан на кој Ахмети ѝ се закануваше на Македонија уште еднаш ја разоткри врската помеѓу СДС и ДУИ. Присуството на Ивон Величковски, коалицискиот партнер на СДС на тој собир е јасен показател дека коалицијата меѓу СДС и ДУИ сè уште е жива и дека тие заедно продолжуваат да работат против интересите на Македонија. Замислете, Ивон Величковски со поддршка, желба и ентузијазам денес мртвo ладно изјави дека „треба отворено да се дебатира за идеите на Ахмети“.
До кога СДС ќе бидат измеќари на ДУИ? Денес кога Али Ахмети зборува за „заедничко сопствеништво“ на државата, всушност зборува за продолжување на системот кој му овозможуваше на ДУИ да ги злоупотребува своите позиции во власта, со поддршка на СДС.
Зошто СДС молчи? Можеби одговорот лежи во тоа што ДУИ има премногу информации кои можат да ги компромитираат.
Македонија денес е на пат на опоравување од катастрофалното владеење на СДС и ДУИ, но тие сè уште имаат влијание кое не смее да се игнорира.
Македонскиот народ не смее да биде заложник на коалициски спогодби кои се базираат на уцени и страв. Време е да се стави крај на тоа поглавје и да се продолжи со нова ера на чесно и транспарентно управување.
Македонскиот народ нема да дозволи повеќе да биде манипулиран од политичари кои ја продаваа Македонија.
Новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи да се бори против сите облици на криминал и корупција, за да ја обезбеди иднината на Македонија како стабилна и просперитетна држава“, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.