Македонската влада побарала од Хеленик Петролеум да ја намали за девет милиони долари сумата која грчката фирма ја бара од земјава поради непочитување на купопродажниот договор за ОКТА. Со камати и останати трошоци висината на тужбата која Хеленик ja бара достигна 40 милиони долари, објави телевизија Алсат.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој сега ги води преговорите откако од владата си замина Кочо Анѓушев, за Алсат потврди дека средба имало, но детали не сакаше да открие.
„Јас сум убеден дека со аргументи, со преговарање, можеме да најдеме решение кое ќе биде вин – вин ситуација и за нашата држава, но секако и за инвеститорот“, вели министерот Бектеши.
Хеленик ја тужи владата поради не купување на 500.000 тони годишно мазут, колку што е предвидено со договорот. Сепак, дел од мотивите за тужбата е и тоа што македонската Влада, спротивно на Преспанскиот договор, не сака да го реши проблемот со нафтоводот Солун – Скопје. Овој нафтовод не функционира оти владата не дава употребна дозвола.