Владата ќе почне да работи онлајн, очекувам тоа да го стори и Собранието, вели Заев

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува Парламентот да почне да работи онлајн, откако двајца пратеници излегоа позитивни на Ковид-19. Тој верува дека власта и опозицијата ќе се договорат да работат онлајн и на таков начин да биде изгласан и Буџетот и информираше дека следната владина седница ќе биде, исто така, онлајн по препорака на здравствените власти.

– Верувам дека Парламентот веднаш ќе помине на онлајн опција доколку пратениците така се договорат, согласно Деловникот. Владата наредната седница во вторник ќе ја има онлајн. Ние немаме сè уште лице со симптоми или заразено, но по препорака на министерот Венко Филипче и Комисијата за здравствена заштита ни беше укажано дека согласно бројките треба да се подготвиме за онлајн владини седници. Верувам дека и Парламентот ќе биде многу разумен и ќе ја воспостави онлајн работата затоа што тоа го направија, колку што гледам, речиси сите парламенти и во регионот и во Европа, рече Заев.

Тој потенцира дека многу е важно институциите да функционираат, да бидат будни за да го следат овој период кој нема да биде лесен како летниот оти гледаме дека бројките се големи.

Заев рече министерот Филипче го информирал оти комплетно успешно е направена целосна организација со подготовки на резервни доктори, медицински сестри, и дека пополека е влезена во употреба и монтажната болница.

– Ќе ги дигаме сите капацитети, секако, затоа што гледаме дека бројките растат во светот, растат и кај нас. Но останува помошта која ја бараме од граѓаните, а тоа е да ги почитуваме мерките, да носиме маска, редовна дезинфекција, држење дистанца, да нема движење надвор доколку за тоа нема итна потреба, групирање или слично. Сето тоа ќе им помогне на нашите херои, а тоа се лекарите и медицинските сестри, целиот болнички персонал коишто работат на оваа проблематика,секако сè додека не се најде конечното решение, а тоа е вакцината и лекот, рече Заев.

Поврзани новости