Владата се уште не дала согласност за продажба на становите на Груевски вредни 1,9 милиони евра

by fokus

Тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, кој беше конфискуван во случајот ,,Плацеви на Водно”, се уште не е огласен за продажба. Иако проценката на петте стана беше напрвена уште во октомври минатата година, сепак од Владата се уште не дале зелено светло за продажба.

Поточно, според процедурата, по направената проценка за вредноста, согласност до Агенцијата за управување со одземен имот мора да даде и Владата по што недвижнините се огласуваат.

-Ние како Агенција за управување со одземен имот и лично јас како директор ги ставив на дневен ред пред Управниот одбор. Управниот одбор едногласно се согласи да ги ставиме на јавна аукција сите тие недвижни имоти што јас ги предложив. Сега само е проследено до Влада на Република Македонија. Од таму очекуваме согласност во најкраток можен период за ние после тоа имаме право да ги прикачиме во електронскиот систем за јавна аукција, изјави пред четири месеци директорот Дритон Небиу.

Сега, на прашање на ,,Фокус”, дали е добиена согласноста, од Агенцијата ни одговорија:

-Ве известуваме дека се уште не е донесена Одлука за давање на согласност за продажба на становите на Никола Груевски.

Од Владата очекуваме одговор зошто се уште не одобруваат становите да одат на продажба.

Петте стана на Груевски се проценети на вредност од 1,9 милиони евра. Три се наоѓаат во луксузниот комплекс ,,Панорама” на Водно.

Еден од становите се наоѓа на сутерен, а два од овие луксузни апартмани се наоѓаат на поткровјето на комплексот. Сите се со вкупна површина од 750 квадратни метри.

Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со посебни делови од зградата во површина од 95 квадрати, вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни, а третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати.

Нови сопственици ќе добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри, а во вредност од 100.000 евра. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Според сегашното законско решение, на јавната аукција нема право да се јави осуденото лице од кого е конфискуван имотот, но нема пречка како купувач да се јави некој од членовите на неговото семејство.

Валентина Вурмо

Поврзани новости