Во разговори со претставници на јавното здравство и на приватните здравствени установи треба да се бара начин за формирање на оптимална цена на тестовите за Ковид-19, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање како ќе се подобри состојбата со оглед дека тестови нема во државните установи, а граѓаните алармираат на високи цени во приватните центри, премиерот кажа дека веќе разговарале со министерот за здравство Беким Сали дека бројот на тестови за Ковид-19 во јавното здравство ги има во доволен број и во однос на цената во приватното здравство.
-Ние веќе разговараме со министерот за здравство во однос на количините на тестови кои што ги има во јавното здравство кои се на доволно ниво и во однос на цената која што се нуди во приватното здравство. И нормално ќе треба да се седне заедно и со оние кои што во приватното здравство ги нудат бидејќи се работи за приватни економски оператори и да се види која би можело да биде оптималната цена која би можеле да ја имаме оваа есен бидејќи како што гледаме короната се уште е присутна во светски рамки не само кај нас. Бројките растат, истакна Ковачевски од Тетово.
Според него, добро е што е створено одредено ниво на колективен имунитет во општеството.