Виена бара Брисел да го одржи зборот даден на Скопје

by fokus

Австрија бара ЕУ да го одржи зборот и дадените ветувања кон Република Северна Македонија, а Скопје да не ја губи довербата во ЕУ. Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, според Виена, е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ, особено во контекст на новонастаната ситуација по руската агресија во Украина.

Русија, како што оцени вчера во Скопје австриската министерка за ЕУ и уставни прашања Каролине Едштадлер, влезе агресивно во Ураина и целта на Владимир Путин е да ја подели Еропа и да ги доведе во прашања соработката и единството. Затоа, потребна е продлабочена соработка со партнерите и идните членки со ЕУ.

– Многу е важно сега да го направиме следниот чекор што се однесува до преговорите на Северна Македонија за пристапот во Европската унија, но и на другите земји, како на пример Албанија. Ние сакаме да си го одржиме зборот бидејќи пристапот на овие земји е прашање на стабилноста и безбедноста на ЕУ, нагласи Едштадлер.

Истакна дека напредокот што го постигна Северна Македонија и покрај некои чекори назад е огромен во однос на јавната администрација, правдата и борбата против корупцијата, но и упати порака до граѓаните на Северна Македонија да не ја загубат довербата во ЕУ.

– Ние сме во критична ситуација и секој наш партнер ни е многу неопходен. Во името на Австрија ви ветувам ние се ќе направиме да се направи следниот чекор и темата Западен Балкан да биде на агендата на ЕУ, потенцира Едштадлер.

Таа посочи и дека од нејзината последна посета на земјава во мај 2021 година, воочува позитивен напредок во дијалогот со Бугарија и дека по нејзиниот последен престој во Софија е уште повеќе уверена дека наскоро ќе може да се постигне договор. Според неа, сега е време Европската унија да се прошири со земјите од Западен Балкан, бидејќи тоа, освен за нив, е безбедносно прашање и за Европската унија.

Нагласувајќи дека го разбира големото разочарување на граѓаните во Република Северна Македонија и во Република Албанија поради застојот на отпочнувањето на преговорите за членство во Европската унија, подвлече дека Австрија ќе продолжи да дава поддршка за побрзо решавање на проблемот со Бугарија.

Според неа, важно е во ситуација кога руската агресивна војна во Украина беснее, да нема делење на нашите општества не само овде во Западен Балкан, туку и во ЕУ.

– Во политиката ние во ЕУ не смееме да ги изгубиме луѓето на Западен Балкан. Треба заедно, да останеме сплотени со ЕУ и ЕУ мора јасно да го осознае она што Путин сака да го направи. Путин сака да ги дели луѓето. Сакам тука да укажам дека имаме сигурност, имаме безбедност и треба посилно да се поврземе со вас и тоа се надевам заеднички ќе го спречиме. Ние треба да останеме заедно во ЕУ, тоа го правиме и исто така со нашите партнери од Северна Македонија да останеме и тука ни треба конечно следен чекор во правец на отворање на процесот на проширување и Австрија е тука на почетокот на фронтот за напредок за Северна Македонија и другите земји во регионот да ги поддржи во правец на ЕУ, истакна Едштадлер, рече австриската сојузна министерка.

Поврзани новости