Поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, денеска од истражниот затвор „Скопје“ е однесен да даде исказ во Обвинителството за организиран криминал.
Според информациите на „Фокус“, ова е втор пат Верушевски да биде изнесен на распит, бидејќи неодамна беше изведен пред обвинител, кога и му беше продолжен притворот. Тогаш Верушевски реагирал дека не соработувал со странски служби, дека на лицата со кои бил обвинуван дека контактирал, не им биле наведени имињата и адресите на живеење, дека кога му биле одземени компјутерите не биле запечатени, па се посомневал дека му биле подметнати докази. Згора на се, Верушевски реагирал и како тоа го товарат за сериозни кривични дела, а не му предочуваат докази.
Министерството за внатрешни работи го товари Верушевски дека е мозокот во аферата „Пуч“, во која како осомничен е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.