Иако премиерот Зоран Заев, по синоќешниот пораз на локалните избори си поднесе оставка, а со тоа во оставка е и целата Влада, сепак тоа не значи дека од денеска немаме влада, или дека Заев повеќе не е премиер. Напротив, и претседателот на Владата и останатите министери ќе останат на своите позиции се додека не се избере нова Влада. Тоа практично би значело дека Владата на чело со Заев може уште неколку месеци да се „одржи во живот“.
Палката сега е префрлена во рацете на претседателот Стево Пендаровски, кој ќе треба да го додели мандатот за формирање на нова Влада.
-На потег е претседателот Стево Пендаровски кој треба да процени која од партиите или од партиските коалиции ќе може да формира Влада. Ако го даде мандатот на партија која нема да успее, ќе продолжи и со другите партии се до крај. Се додека нема нова влада, ќе продолжи да функционира старата, појаснува професорот Светомир Шкариќ за „Фокус“, кој додава дека ситуацијата може да се искомплицира дополнително бидејќи капацитетот на Собранието е слаб, и ако не се формира Влада, ќе треба да се распишат избори.
И Професорката Рената Дескоска вели дека сега Заев треба да поднесе писмена оставка, а потоа на сцена стапува претседателот Пендаровски .
-По доставување на писмената оставка, претседателот Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за состав на Влада на кандидат на партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Значи оној кој има поддршка од 61 пратеник може да одлучи да формира нова Влада или да го распушти Собранието и да се оди на предвремени избори. Предвремени избори ќе се одржат ако 61 пратеник гласаат за распуштање на Собранието, вели Дескоска.
Со оставката на Премиерот, според нашиот Устав во оставка е целата Влада, пишува и професорката Мирјана Најчевска. Таа предвидува четири можни сценарија.
„Оставката се поднесува до Собранието кое ја усвојува. И тука се можни повеќе излезни решенија.
1. Досегашната владејачка коалиција има мнозинство во Собранието и Претседателот на државата и доделува нов мандат за формирање Влада. Во овој случај СДСМ како најголема партија во коалицијата може да понуди свој кандидат или да се договори со коалиционите партнери за кандидат од нивните редови или независен експерт како кандидат.
2. Се формира нова мнозинска коалиција на која Претседателот и доделува мандат за формирање Влада.
3. Било која од мнозинските коалиции во Собранието поведува постапка за распуштање на Собранието и распишување предвремени избори.
4. Сите партии во Собранието се договараат за формирање на експертска Влада која ќе го доврши мандатот на претходната до наредните редовни избори“, вели професорката.
Засега се уште не е јасно кое од наведените сценарија ќе се реализира, поради што ќе претстојат нови коалициски пазарања.
Според собраниски извори, оставката на Заев досега не е стигната во парламентот, а очекувањата се дека тоа би се случило по средбата што премиерот во оставка ја закажа за подоцна попладнево со коалициските партнери, односно со лидерите на парламентарните партии кои се дел од парламентарното мнозинство.
Валентина Вурмо