Уште тројца од повредените денеска ќе бидат вратени во земјава

by fokus

Уште тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија се очекува да пристигнат денеска, откако двајца во саботата беа хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје.

– Сите се во стабилна состојба и сите се со полесни повреди, освен едниот пациент кој имаше два хируршки зафати, еден поради скршеница на потколеницата и друг поради нешто посериозно, скршеница на два пршлени, и тој е во стабилна состојба, така што сите овие останати имаат повреди кои се во сферата на пластичната хирургија – посекотини, нагмечувања и така натаму, а тој пациент во сферата на трауматологијата, изјави министерот Венко Филипче.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера изјави дека планира да контактира со семејствата на загинатите за, како што рече, да ги чуе нивните очекувања по однос на пренесувањето на телата и процедурите понатаму.

– Беше најавено една недела од случувањето на несреќата, меѓутоа има различни проекции, дека може да биде еден ден потоа, до крајот на неделата. Така што, не можеме точно да знаеме бидејќи сето тоа ќе зависи како во лабораторија ќе се одвива процесот на идентификација преку ДНК материјалите, изјави Османи.

Во несреќата што се случи рано изутрина на 23 ноември на автопатот „Струма“, загинаа 45 лица. Според бугарските истражители, жртвите починале од задушување откако автобусот се запалил, а најверојатна причина за несреќата е човечка грешка.

Поврзани новости