Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг денеска им се извини на семејствата на сослушувањето во американскиот Сенат за влијанието на социјалните мрежи врз децата.
На повик на републиканскиот сенатор Џош Хејли, Цукерберг стана и им се обрати на семејствата кои држеле слики од нивните деца кои, според родителите, биле оштетени од социјалните мрежи, објави Гардијан.
Кога започна расправата, комисијата пушти видео од деца кои зборуваат за малтретирањето на социјалните мрежи. Сенаторите наведоа и примери на млади луѓе кои си ги одзеле животите.
„Дали сега сакате да им се извините на жртвите што ги повреди вашиот производ?“ праша Хејли, истакнувајќи дека сослушувањето се пренесува во живо на телевизија.
Цукерберг стана, се сврте и им се обрати на семејствата.
„Жал ми е за сѐ што сте поминале. Никој не треба да поминува низ работите низ кои поминале вашите семејства и затоа инвестираме толку многу и ќе продолжиме да вложуваме напори низ индустријата за да се осигураме дека нема никој да поминува низ работите што ги претрпеле вашите семејства “, рече Цукерберг.
Хејли за време на сослушувањето
агресивно го критикуваше Цукерберг.
„Вашиот производ убива луѓе“, му рече Хејли на Цукерберг, чија компанија е сопственик на Фејсбук и Инстаграм.