Центар за граѓански комуникации: Службен автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја е купен како јавна набавка за КОВИД!?

by fokus

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Извештајот за јавните набавки за заштита од КОВИД-19, изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година.

Мониторингот детектираше дека јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција и дека проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите. Како проблем се посочува и тоа дека кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи.

-И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 отсто, при набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чиј апарат за тестови го користи институцијата што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција, а постои и слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас, ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција, покажува Извештајот.

Според истражувањето, како јавни набавки за КОВИД-19 се купувани производи што не можат да се доведат во врска со пандемијата. Пример за тоа е службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.

-Овој Извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од КОВИД-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 проценти од сите тендери за КОВИД-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 отсто од вредноста на сите тендери за КОВИД-19 во анализираниот период (4,1 милион евра), наведува Центарот.

Поврзани новости