Поранешниот министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, за време на денешното сведочење во предметот „Организаторите на 27-ми април”, рече дека настаните на 27-ми април нанеле штета за сите, физички за СДСМ, а политички за ВМРО-ДПМНЕ.
Тодоров за прв пат во јавноста откри дека имало и разговори за широка коалиција.
-Ова за прв пат го зборувам. Ние имавме разговори за широка коалиција и затоа тој ден бев многу нервозен и растревожен. Ние бевме на добар пат за таа широка коалиција, која требаше да ја стави државата на патека за членство кон ЕУ и НАТО, сведочеше Никола Тодоров.
Тодоров сведочеше за случувањата во законодавниот дом и дека добил повик од Радмила Шеќеринска која го информиралата дека тие се наоѓаат во прес салата и дека има едно лице убиено.
-Веднаш се јавив кај директорката на Итната медицинска помош која испрати екипа, но истата не можеше да влезе во Собранието. Јас се обидов да се симнам и да ги внесам, но бевме истуркани и не успеавме да стигнеме до прес салата. Се упативме во една од канцелариите во Собранието, мислам дека беше на обезведувањето, и тогаш започна акцијата на полицијата. Прва интервенција беше врз полицаец кој беше повреден од шок бомба. Потоа јас се качив на трети кат и го барав Села заедно со двајца доктори…, сведочеше Тодоров, пренесе ТВ21.
Овој настан има многу трауми, сите загубија, а ВМРО-ДПМНЕ загуби од 70.000 до 100.000 гласови, нагласи Тодоров.