Техничкиот премиер, иако беше најавено, денеска нема да сведочи за организирањето на ‘крвавиот четврток’

by fokus

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, иако беше најавено, нема да сведочи на денешното рочиште на судењето за организирањето на „Крвавиот четврток“.

Судијата кој го води судењето, Илија Трпков соопшти дека нема доказ за уредна покана до премиерот. Освен Спасовски, како сведок на Обвинителството требаше да се појави и Михаил Младеновски, кој првично беше обвинет, па амнестиран за упадот во Собранието. И неговата покана била неуредна.

Освен неуредните покани, Обвинителството ги известило сведоците да не доаѓаат бидејќи за денеска во 14 часот е закажана јавна седница во Апелацискиот суд по жалбата за притворот на обвинетиот, поранешен министер, Миле Јанакиески.

Адвокатите и обвинетите денеска ги изнесуваат своите воведени зборови и според првичните говори, тие ќе докажуваат никој не организирал, не повикал на ваков настан, односно крвавиот четврток кога беше упадот во Собрание.

За организирање на упадот во Собрание којшто се случи на 27 април 2017 година на обвинителна клупа се поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поранешните министеи Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Според обвинителството, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

“Во почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, обвинетите Груевски, Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието, ангажирале лица за вршење насилство за да се оневозможи и спречи избор на Претседател на Собранието…, пишува во обвинението за „27 април“.

Другите обвинети за овој случај се во бегство.

Спасовски и другите функционери од сегашната власт беа цел на разгневената толпа која влезе во Собрание.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости