На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски сведочеше прва братучетка на мајката на девојчето. Таа раскажа дека деновите кога се трагало по Вања таа била во домот на братучетката Зорица, за да и даде поддршка.
-Во 11 часот ми се јави Зорица и ме извести дека ја нема Вања. Тој ден пребарував во Дебар Мало, низ кафулиња, а потоа, од вторникот, бев во домот на Зорица. Тогаш гледавме снимки со таткото на Вања и тогаш констатиравме дека Вања е земена од пред зграда, бидејќи не се гледаше како излегува. Потоа во следните денови дојде и пријател на Александар, Гоце, и тој ги гледаше снимките. Во еден момент дојде во дневна, рече го видовме возилото „цитроен” што се бара, а и некој човек. Рече да не е некој педофил, па да ја грабнал.
Таткото Александар беше вознемирен, излегуваше, влегуваше, бараше. Цело време на Зорица и велеше не се секирај, ќе ја најдам. Јас немав многу комуникација со него. Само ми рече да пратам порака на Илон Маск да ја најде преку сателит, што ми беше чудно, како јас него да го најдам, сведочеше Маја Спироска.
Таа рече и дека од родител чие дете учело со Вања била известена дека во групата на вибер на родителите Александар испратил порака, а потоа ја избришал.
– Ми кажаа дека напишал, „Вратете го детето ќе ви дадам пари“. Но, јас не ја видов пораката, рече братучетката на Зорица.
На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Додека, грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.
Валентина Вурмо