Танасоски: Земјоделските производи, лековите и медицинската опрема ќе имаат приоритет, ќе се формираат зелени коридори на граничните премини

by fokus

Директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на денешната прес конференција во Владата истакна дека е покрената иницијатива за зелени коридори каде што сите земји членки на ЦЕФТА се обврзани да обезбедат 24 часовна работа на гранични премини за увоз и извоз на стока.

-Исто така ќе се обезбедни заедничка листа на стоки во рамките на ЦЕФТА што ќе имаат приоритет за минување на таканаречените зелени коридори. А тука се опфатени свежите земјоделски производи, лековите и медицинската опрема, рече директорот.

Тој истакна дека вкупната вредност на извозот за периодот јануари-март изнесува 1,41 милијарда евра, што е поголемо за околу 210 милиони евра во однос на 2019 година.

-Од 1 април царинската постапка за извоз е целосно без хартија. Тоа практично значи дека секој извозник покрај тоа што не треба да поднесува хартиена царинска декларација, не е потребно да ги поднесува ниту другите придружни царински документи. Оваа дигитализација придонесува до избегнување на физички контакт помеѓу економските оператори и царината, истакна директорот.

Тој додаде дека со цел да се олесни работата на економските оператори, продолжен е рокот на важење до 30 септември на сите одобренија за поедноставени царински постапки што истекуваа на 31 мај.

-За време на траење на полицискиот час дозволено е движење на транзитна стока при увоз и извоз, рече Танасоски.

Тој додаде дека донесена е одлука и за стимулирање на домашното производство, односно укината е царината за извоз на замрзнато свинско месо.

 

 

Поврзани новости