Талибанците им наредија на жените вработени во градските служби во Кабул да останат дома, а на работа можат да одат само оние кои не можат да бидат заменети со мажи, изјави денеска привремениот градоначалник на главниот град на Авганистан, Хамдулах Намони.
Потегот на талибанците е последен во серијата што го прикажува нивното враќање на политиката на строго ограничување на правата на жените и нивно исклучување од јавниот живот, што ја спроведуваа и кон крајот на 90 -тите години кога владееја со Авганистан.
Во изминатите неколку дена, тие издадоа неколку уредби со кои се ограничуваат правата на жените во Авганистан.
На девојчињата им е наложено засега да не се враќаат во средните училишта, а ученичките ќе посетуваат настава одделно од момчињата, облечени според строги правила.
Талибанците воведоа и „Министерство за спречување пороци и промовирање доблести“ на местото на досегашното Министерство за жени, а промената има за цел да го наметне ригидното толкување на исламот.
Поради ограничувањата на правата на жените, неколку десетици авганистанки денеска излегоа на протест пред доскорешното Министерство за жени во Кабул, барајќи права на работа и студирање.