Судијата Владимир Туфегџиќ ја прифати забелешката на обвинителката Фатиме Фетаи, дека судењето за нелегалното масовно прислушување во УБК, „Таргет и Тврдина“, се одвива многу споро, па реши да го забрза процесот. Поточно, Фетаи во синоќешното гостување на 1 ТВ рече дека во СЈО воопшто не се задоволни со која динамика се движи судењето за овој случај, а на денешното рочиште, пак, Туфегџиќ, ги предупреди токму обвинителите од СЈО да забрзаат.
-Да го споменам случајот Таргет-Тврдина, кој ја продуцираше целокупната криза во нашата држава, случај заради којшто ние постоиме како обвинителство. Иако сме задоволни од тоа како оди докажувањето, не сме воопшто задоволни од динамиката со која се води тоа судење. Судот мора да вложи поголеми напори за да има концентрирано судење, како што налага и ЗКП, затоа што со оваа динамика се разводнува и ефектот на злоделата, изјави Фетаи.