Обвинителството за гонење на организирање на криминал и корупција даде негативно мислење до Кривичниот суд за барањата на осомничените бизнисмени Орце Камчев и Цветан Панделески да им се дадат времени патни исправи, дознава Фокус.
Ова значи дека обвинителката Лиле Стефанова, во чиј раце повторно е истрагата за „Империја“, не се согласила осомничените во наредниот период да ја напуштаат државата. Двајцата бизнисмени до неодамна имаа времени патни исправи кои им беа дадени по позитивно мислење на екс шефицата на СЈО, Катица Јанева.
Како што веќе објави „Фокус“, бизнисменот Камчев уште пред неколку дена достави ново барање за издавање на времена патна исправа до Кривичниот суд, и тоа поради службени обврски во странство, а Панделески за лекување.
Сега на потег е Кривичниот суд. Оттаму треба да одлучат дали двајцата осомничени бизнисмени ќе добијат патни исправи. Сепак, очекувано е осомничените да останат без пасоши, односно судот треба да го земе во обзир ставот на Обвинителството бидејќи предметот е во фаза на истрага, а во случајот обвинителството оценило дека осомничените треба да му бидат при рака.
В.В.