Спасовски: Се подготвуваат сет мерки за пензионерите, невработените и самохраните родители

by fokus

Четвртиот сет на мерки, кој ќе биде донесен веднаш по формирањето на новата влада, ќе биде за пензионерите кои имаат пензии до 15 илјади денари, за невработените, односно неактивни баратели на работа и за самохраните родители да добијат домашни платежни картички, изјави техничкиот премиер во заминување Оливер Спасовски.

Спасовски, изрази уверување дека оваа влада, ќе биде запаметена по тоа дека во услови на криза, одлучила парите да ги насочи кон граѓаните.

– Преку трите сета економски мерки за засегнатите групи граѓани и погодените сектори, туризмот и угостителството поделени се домашни платежни картички за купување македонски производи и ваучери за домашен туризам. За бизнисите овозможени се бескаматни кредитни линии. Се подготвува четвртиот сет мерки со кои што ќе биде проширен опфатот на граѓани и бизниси кои што ќе добијат финансиска поддршка од државата, најави Спасовски.

Прашан дали со четвртиот сет мерки ќе бидат опфатени и одредени бизнис гранки, Спасовски, рече дека се размислува и се разгледуваат и тие опции и дека таму каде што ќе биде потребно државата ќе помогне.

– Овие мерки за пензионерите, за невработените пасивни баратели на работа, за самохраните родители и за стечајните работници. Тие се четирите категории за кои сме разговарале и досега и тие одлуки ќе се инплементираат веднаш по формирањето на владата, изјави Спасовски.

Прашан за тоа зошто владата три недели не носи одлука за нова банка што ќе работи со поштите, Спасовски рече дека, Македонски пошти е акционерско друштво и дека одлуките ги носат на ниво на управни и надзорни одбори на компанијата.

– Врз основа на одлуките кои ќе го донесат, за одредени е потребно согласност од владата. Досега немавме барање за соглсност, кога ќе имаме барање за согласност за било која одлука, стоиме на расплагање и верувам дека тоа идната влада ќе го направи, изјави Спасовски.

Прашан за тоа дали новата влада размислува да побара ново одложување на кредитите од банките и извршителите, Спасовски, само кратко, рече да се формира новата влада, па да видиме што мисли.

Поврзани новости