Сопственик на галерија: На Боки 13 му дадов оригинални уметнички дела за да му стојат во станот за реклама

by fokus

Александар Кртов, сопственик на галерија сведочеше на денешното рочиште за случајот “Рекет”, на барање на обвинетиот Бојан Јовановски.

Тој појасни дека кога Јовановски го уредувал својот дом во Орман, му дал осум уметнички дела, за да стојат кај него неколку месеци, за да како што рече, за реклама, бидејќи Боки 13 бил позната скопска фаца.

-Не сме склучиле договор, но имам реверс дека сум му дал уметнички дела на Јовановски. Тоа е пракса на секоја галерија, се обидуваме на секој начин да се испромовирале. Ги даваме на одреден период и тоа најчесто биле оригинални уметнички дела. На Јовановски му имам дадено пет слики од Личеноски, една од Мартиновски… рече Кртов.

Пред Кртов во судница сведочеше и пријателката на Јовановски, Марија Јанковска. Таа истакна дека е сопственичка на оптика, па појаснуваше дека често пати му подарувала на Боки 13 очила за да ги рекламира. Таа истакна дека на Јовановски и многу модни куќи му подарувале брендирана облека од новите колекции, споменувајќи ги брендовите “Валентино” и “Версаче”.

Таа појасни и дека често пати оделе заедно на одмор, потенцирајќи дека сама си ги плаќала трошоците.

-Сме биле во Франција, Италија, Грција. Јас сум правела друштво, а Бојан имаше контакти и средби со менаџерите од модниот свет. Тие брендови знаат да подарат некои работи на познати личности, инфлуенсери. Се случувало и на Боки да му подарат”, рече Јанковска.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости