Собранието по скратена постапка ги усвои измените во Законот за извршување, со кои, меѓу другото, се доуредува постапувањето на извршителите. Тие нема да можат присилно да извршуваат кај граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, а се намалува и износот на сумата која може да биде задржана.
Наместо досегашните 1/3 од плата или пензија, извршителите отсега ќе можат да задржат 1/5 од месечните примања на лицата приматели на просечна плата и пензија, oд надоместот на трошоци за сместување на лице и од надоместокот за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.
Министерката за правда Рената Дескоска на фејсбук-профилот напиша дека измените се одраз на реалната потреба на граѓаните.
„Денес е усвоена измената на Законот за извршување кое е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да го намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична, туку и на нивните семејства“, напиша Дескоска и ги образложи измените.