Шведска препорачува четврта доза вакцина за постарите од 80 години

by fokus

Шведската здравствена агенција денеска соопшти дека луѓето на возраст од 80 и повеќе години треба да добијат втора засилувачка доза вакцина против коронавирус, или вкупно четири дози вакцина за зајакнување на имунитетот во услови на брзо ширење на варијантата омикрон.

Препораката важи и за лицата што живеат во домови за стари лица, како и за оние што живеат дома, но ги посетува стручен кадар што им помага во секојдневните активности.

Втората засилувачка доза треба да се даде не порано од четири месеци по првата засилувачка доза, се вели во соопштението на здравствената агенција.

Шведска забележа рекорден број нови инфекции претходно оваа година, што се припишува на брзото ширење на омикрон варијантата.

Тамошните власти планираат да ги отстранат ограничувањата и да ги намалат тестирањата веќе овој месец потпирајќи се на засилувачките дози, како и на фактот дека омикрон предизвикува поблаги симптоми, што го намалува притисокот врз здравствениот систем.

Како засилувачка доза Шведска ги препорачува вакцините на „Модерна“ и „Фајзер/Бионтек“.

Поврзани новости