Ние ги објавивме прислушуваните разговори или некаконитите или неморалните дејствија кои што ги имаше во предметот „Сопот“, па и во предметот на Љубе Бошковски, дали нешто правно се смени во тие предмети во меѓувреме? Ништо. Доколку ги објавевме и за „Монструм“, немаше да влијае на вака поставеното Јавно обвинителство и на вака поставеното правосудство во Република Македонија, вели Петре Шилегов, портпарол на СДСМ, во интервју за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека не се реализирале првичните предививувања на СДСМ, дека Груевски за три дена по објавувањето на „бомбите“ ќе си поднесе оставка, затоа што морал да ја спасува својата кожа.
Во врска со тоа, дали опозициската партија е задоволна од договореното во Пржино, Шилегов не дава дециден одговор, но вели дека факт е оти Никола Груевски нема веќе никогаш во Република Македонија да предводи влада која ќе организира избори.
– Ако гледате од аспект на тоа што беа приоритетни барања на СДСМ, уште лани кога кажавме дека не ги признаваме резултатите од предвремените парламентарни избори и кажавме дека бараме преодна влада, во таа фаза ја дефиниравме како техничка којашто ќе ги организира новите предвремени парламентарни избори и којашто нема да биде раководена од Никола Груевски, баравме, првичното барање беше промена на Јавниот обвинител и промена во менаџерскиот тим и уредувачката политика во МРТВ, со цел да дојде до независно, нормално информирање на македонската јавност од страна на јавниот сервис. Специјалниот јавен обвинител е приказна само по себе, фактички покажавме и докажавме и навистина не знам со кој кредибилитет се уште државниот јавен обвинител не си поднесува оставка, бидејќи со потпишувањето на договорот од страна на сите политички фактори се докажа дека државното јавно обвинителство и Марко Зврлевски и Јован Илиевски како перјаници, односно хиерархиски највисоките личности во тоа обвинителство се неспособни да спроведат независна истрага за, онака како што е во договорот дефинирано, пресретнатите телефонски разговори…, вели Шилегов.
Тој не верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде со своите маалски, детски или шибицарски финти, како што вели, да го изигра договорот од Пржино и вели дека тоа нема да биде дозволено од нивна страна.
На прашањето, доколку не се обезбедат услови за фер и демократски избори,дали СДСМ ќе оди на избори на 26 април, портпаролот на СДСМ вели:
-Се наоѓаме во еден период, една недела откако е случен овој договор и неблагодарно е за тој договор сега да зборуваме во негативен контекст, велиме дека се уште е рано, се уште сме на почетокот на имплементација на овој договор и ајде да му дадеме на тој договор шанса. Ако ме прашувате дали Социјал-дмократскито сојуз има план Б, секако дека има. Резервните варијанти ќе бидат предмет на имплементација, бидејќи веќе постојат, ако дојде до нарушување на овој процес, вели Шилегов.