За околу пет месеци, односно на 18-ти јануари 2025 година ќе се навршат пет години од исчезнувањето на Марија Брзакова, мајка на тогаш три-годишно девојче, бремена во вториот месец, и на возраст од 28 години.
Мистеријата со младата мајка и сопруга се уште трае. Таа со семејството живеела во Швајцарија, а со сопругот и ќеркичата дошле во родното Босилово, Струмица, на краток одмор, да поминат некое време во Македонија, бидејќи девојчето не одело во градинка.
Заминала од домот во Босилово во непознат правец, околу четири часот наутро, среде зима облечена во тренерки, влечки или патики (не беше прецизирано), без ташна, мобилен, пари или било каков документ.
Што се случи со младата бремена жена, која денес би била на возраст од 33 години, остана прашање без одговор, а случајот за пошироката јавност веќе почна да паѓа во заборав.
Но, за семејството на Брзакова, остана животот во агонија и болка.
Секоја година, на денот на исчезнувањето на Марија, нејзината сестра Сара и ја остава истата трогателна порака на социјалните мрежи.
-18-ти…Таа кобна јануарска ноќ, земајќи ги со себе нашите срца, без збор и без поздрав, замина во непознатото. Замина и остави зад себе неизмерна тага, копнеж и неверување дека твоите костенливи очи на срна не знаеме каде блескаат и дали уште еднаш ќе ги видиме отворени.
Те баравме и трагавме по тебе, превртувајќи го секое каменче и гранче што ќе ни се најдеше на патот, за да најдеме барем едно мало парче надеж дека си тука, некаде близу. Потрагите ни беа неуспешни, но ние не се откажавме.
И до ден денеска копаме и риеме со нокти како ѕверови за да ја најдеме вистината за тебе. Те бараме во сечии очи, во туѓи насмевки…
Ти си дел од секој наш ден, од секое утринско кафе испиено со горчина, ти стоиш позади секоја наша усилена насмевка, во секоја воздишка што душата ја пара и полека ја усмртува.
И во деновите кога семејството е собрано на куп, на момент сѐ станува тивко, а тишината што ги боде ушите, го одѕвонува твоето име. Болиш сега, овој ден и сите наредни и сите претходни, пишува во пораката од сестрата.
За мистериозното исчезнување на Марија, кога истото се случи, а и наредните месеци, будно известуваа речиси сите медиуми во земјава. Денес, нејзиното име и случајот кој остави неодговорени прашања, се поретко се спомнува во јавност.
,,Фокус” во неколку наврати телефонски разговараше со Валентина, мајката на Брзакова, а последниот разговор со неа се случи пет месеци по исчезнувањето.
Тогаш очајната мајка ни изјави дека кога со сопругот дознале дека Марија исчезнала, веднаш од Швајцарија дошле во Македонија. Кажа дека нема да си заминат се додека не се дознае што се случило со нивното дете.
-Нејзината трага се губи овде, во Македонија, ние остануваме тука, бидејќи мислиме дека овде може да биде нашата ќерка, не се враќаме во Швајцарија додека трае оваа агонија, кажуваше мајката.
Тогаш потврди дека ќерка и била бремена, дека била доста внимателна и смирена личност, но и дека никогаш не би си го оставила детето и не би му приредила ваква траума на целото семејство.
Потврди дека се во контакт со полицијата и обвинителството, дека биле земени мобилни телефони на вештачење, дека се прегледани камери од објектите во Босилово…
Потоа, таа престана да одговара на телефонските повици и пораки, а денес нејзиниот мобилен телефон е исклучен. Дали и кога се вратиле во Швајцарија, или пак се уште се во земјава, нема одговор.
Од Основното јавно обвинителство Струмица пак, тогаш информираа дека е отворена предистражна постапка, и истата нема да биде затворена додека не се пронајде Брзакова.
Истакнаа дека се разгледуваат повеќе можности на случајот – дали младата мајка навистина е исчезната, можност од самоповредување или одземање на сопствениот живот, но и насилна смрт. Потврдено било дека младата жена не ја напуштила државата, бидејќи не била регистрирана на ниту еден официјален граничен премин дека излегла.
Фотографијата и основните податоци на Брзакова се објавени на страницата за исчезнати лица на МВР.
Родена на 5-ти април 1991 година, исчезната на 18-ти јануари 2020 година од село Босилово, Струмица, е краткиот опис на страницата за случајот, кој и до денес остана мистерија.
Вики Клинчарова