Поранешниот премиер Никола Груевски e осуден на казна затвор од 7 години, а неговиот братучед и поранешен прв човек на УБК, Сашо Мијалков, доби една години и три месеци затвор за случајот „Плацеви на Водно“, односно за тајниот имот на екс премиерот.
На помала казна, од една година затвор, е осуден бизнисменот Орце Камчев , а кумот на Груевски, Ристо Новачевски, е осуден на условна казна затвор од две години. Меѓу обвинетите беше и Ненад Јосифовиќ кој исто така доби условна казна од две години, како и Ратка Камчева, која се ослободува од вина, бидејќи за неа кривичното дело е застарено.
При објавата на пресудата, судијата Илија Трпков истакна дека ќе ја презентираат „Белизе шема“, односно како парите на граѓаните од Македонија, завршиле во фирми во Белизе и потоа повторно се враќале назад, со кои тогашниот премиер си купил имот, во вредност од 1,3 милиони евра.
-За да го реализира својот план на тогашниот премиер Никола Груевски му биле потребни средства. Тој решил да ги присвои партиските донации, кои требало да и служат на партијата. Парите правеле прошетка до белизе и преку Стопанска банка Битола повторно се враќаат во Македонија, истакна судијата Трпков, додавајќи дека во оваа насока посведочиле и блиските соработници на Груевски, како Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер.
Судијата рече дека очекувал признание од обвинетите.
-Се докажа и виде како се земале парите на искрените поддржувачи на партијата и оние кои биле уценети да дадат пари за партијата. Затоа очекував признание и извинување од обвинетите, истакна судијата Трпков.
Судењето за овој случај траеше девет месеци. Предметот беше отворен од згаснатото СЈО, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.
В.В.