Снимките кои ги бараше јавното обвинителство од Албанија за да утврди како избегал поранешниот премиер Никола Груевски сѐ уште не се стигнати во Македонија, а постои и можност истите да се избришани. Ова се заклучува од денешната изјава на реубличкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
-Во врска со снимките две службени лица беа во Албанија, но на барањето не е одговорено целосно. Снимките досега не се обезбедени. Имаше образложение дека станува збор за опсежни податоци и дека системот автоматски ги биршел снимките по извесно време, вели Јовески.
Јовески не сакаше да открие дали поранешниот премиер го имало на снимките од камерите низ главниот град. Се оправда дека не може да кажува детали од предистражната постапка којашто се води.
Во меѓувреме Обвинителството ги разгледува и снимките што ги доби од Црна Гора, прибира и други докази, а на распит ќе бидат повикани и сведоци кои можат да помогнат во расчистување на случајот.