Пратеничката Фросина Ременски вели дека од медиумите дознала дека и за неа е покренато обвинение за случајот „Рекет 2“. Ваквата одлука на обвинителството ја оцени како избрзана и апсурдна, бидејќи, како што вели, нема докази против неа.
„Апсурдно ќе биде за секој политичар во иднина, кој ќе се обиде да даде поддршка на граѓанска иницијатива или идеја, да биде осомничен или обвинет, а притоа пратеникот или политичарот имал повисока благородна цел. Затоа најавувам реформи на јавното обвинителство и очекувам соработка со новиот министер за внатрешни работи, но и шанса опозицијата да покаже конструктивност. Убедена сум дека во оваа смешна постапка, на крајот ќе се види дека нема доволно докази“, рече Ременски.
Пратеничката додаде дека зад целата ситуација се кријат игри за политички елиминации.
„Порачките за политички елиминации се се уште функционални. Одредени структури имаат политички амбиции за ваква цел, а доказ во таа насока е што овој настан се случува на денешен ден“, рече Ременски.