Длабоко сме убедени дека станува збор за исконструиран случај.
Ова во завршниот збор го истакна адвокатот Насер Рауфи, кој застапува дел од обвинетите во „Монструм“, односно за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година.
Тој искажа далобоко разочорување од обвинителката Фатиме Фетаи бидејќи во завршниот збор побарала на колкава казна да бидат осудени обвинетите, што според него не било во согласност со законот. Според него, обвинителите требало да изработат нов обвинителен акт, а не да направат измени со прецизирање на обвинението.
-Поранешните специјални обвинители се несериозни и тие се оние кои што ја матат водата, истакна адвокатот Рауфи.
Тој истакна дека самите обвинители признале дека сведочењето на загрозениот сведок е со празнини, но од друга страна пак тврделе дека не бил инструиран од безбедносните служби.
-Со него, условно да кажам, се сретнавме шест пати. И тоа како беше научен што да каже, рече Рауфи.
Бранителот Руфи, во завршен збор, рече и дека случајот „Монструм“ е синоним на случајот „Драјфус“, со тоа што во нашиот случај има подалекусежни последици бидејќи шест невини лица беа осудени на доживотен затвор.
– Овој случај се водеше по стариот ЗКП и сметаме дека многу наши докази и предлози беа одбивани, а обвинителите беа многу попривилегирани. Да се водеше овој случај по новиот ЗКП ќе имавме право и ние да предлагаме и даваме вештачења и докази. Ова го наведувам од причина што како бранители сме длабоко убедени дека се работи за исконструиран случај, рече Рауфи.
Посочи дека застапниците на обвинитението не успеале да го оправдаат ниту со своето допрецизирање на обвинителниот акт.
– Со допрецизирање треба да се напраи само корекција, а тие извршија класична измена на обвинението. Да беа коректни, тие требаа да направат ново обвинение и да и дозволат на одбраната да се подготви. По девет години водење случај за тероризам да се изврши преквалификација на делото за две лица, а притоа обвинителството да не поднесе докази не се случило досега во мојата адвокатура, изјави Рауфи.
Очигледно е, рече Рауфи, дека нема докази и само голи индиции и не се докажаа претпоставките за можен мотив.
– Дека ова е целосно ксонструиран слуачај не е наша констатација, туку тоа е констатирано и во извештајот на Прибе, а се зборува и во американскиот Стејт департмент, рече Рауфи.
Дека случајот е исконструиран, според него, сведочи и тоа што веднаш по веста за петкратното убиство беа организирани протести против албанското малцинство.
– По изјавта на тогашната министерка за внатрешни работи со која 30-тина тогаш приведени беа означени како радикална група и некои биле членови на екстремистички и терористички организации. Со таа изјава дека се уапсени сторителите веднаш им пресуди, изјави Рауфи.
Ова според него, е за да се потсетиме како случајот се монтираше и кулминира со обвинение против седум лица.
Во однос на повлекувањето на загрозениот сведок Н1, Рауфи рече дека обвинителството морало да се откаже од фамозниот загрозен сведок, за кој рече дека бил пронајден два-три дена пред да истече рокот од 180 дена за поднесување обвинение.
– Уште тогаш обвинителството увиде дека без таа изнудена изјава не можат ништо, па го втурнаа тој сведок, изјави Рауфи.
Обвинителката Фатиме Фетаи во завршниот збор потенцираше дека бара од судот на доживотна кзана затвор да ги осуди обвинетите Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, кои се обвинети за тероризам. За помагање пак побара да бидат осудени Фејзи и Хаки Азири. За Фејзи Азири истакна дека можат да му бидат изречени 15 години, а за Хаки Азири 9 или 10 години.
За Сами Љута, пак, побара ослободителна пресуда бидејќи нема докази.
В.В.