Продолжуваат обвинувањата од премиерот Христијан Мицкоски за работата на Јавното обвинителство, додека пак вчера Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека таквите обвинувања се неосновани.
Мицкоски денеска од Јегуновце повтори дека има стотица истраги, но обвинителите, кога треба да стават потпис на налог за увид, претрес или апсење ненадејно добиваат температура, дијареја или анксиозност и ги опструираат процесите.
„И навистина на граѓаните трпението им е при крај, но и нашето. И со право граѓаните понекогаш ни се лутат, добро е проекти, плати, пензии, реформи, сето тоа е супер, ама овие што крадеа уште се шетаат слободни, уживаат во скапи возила, ги гледаме како уживаат на егзотични дестинации, ништо не направивте. И со право ни ја кажуваат таа критика, но граѓаните треба да знаат дека ние во случајот сме немоќни бидејќи помеѓу нас и правдата има две институции, а тоа се обвинителите и судиите“, рече премиерот Мицкоски.
Тој вели дека имаат комотно мнозинство за да може да го разрешат Коцевски во секој момент, но оти му дале шанса.
Коцевски вчера рече дека обвинувањата се неосновани, имало само еден случај кога обвинител се разболел, но се вратил за 4-5 дена. За заканите од извршната власт дека можат да го сменат, Коцевски упатува на Законот за јавно обвинителство кој пропишува кога може да биде сменет
„Јас ќе продолжам да работам најзаконито и чесно сè што е во моја надлежност. Останатите политички изјави не можам да ги коментирам. Доколку евентуално имам сторено некоја грешка, условите се согласно Законот за јавно обвинителство за евентуално разрешување“, изјави Коцевски.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека од понеделник почнува робусна акција против судиите и обвинителите.