На денешното рочиште за “Плацевите на Водно”, беа презентирани материјални докази од одбраната на обвинетиот Орце Камчев.
Адвокатот Тони Менкиноски првично истакна дека во текот на истрагата до Обвинителството доставиле материјални докази кои подоцна не биле дел од Обвинителниот акт.
-Во текот на истражната постапка која ја водеше обвинителството беше доставен поднесок на 8 март 2021 година со листа на докази кои во одат во прилог на одбраната. Ниту овие докази, ниту доказите од поднесокот од 6 мај, кој беше доставен до Обвинителството, јавниот обвинител пропушти и не обезбеди докази кои одат во прилог на одбраната. Истите не ги зема во предвид. Најверојатно не му одговарале доказите, па не ги доставил, истакна Менкиноски.
Тој презентираше доказ за пренос на уделот на “Сирах Лимитед” на “Орка Холдинг” во 2015 година.
-Пренос на удел на “Сирах Лимитед”, од 1,3 милиони евра на “Орка Холдинг” во 2015 година, за сума од 1,5 милиони евра, за пет години, го презентираше доказот Менкиноски.
Тој презентираше и докази за извршената уплата на уделот од “Орка Холдинг” на “Сирах Лимитед”, кој бил извршен преку осум исплати, во текот на 2015 година.
Останатите договори и изводи за исплати се однесуваа на префрлање удели помеѓу фирмите на Камчеви: пренос на удел од „Орка Холдинг“ на „Камчев консалтинг“, од „Орка Холдинг“ на „Камчев фајнанс“ итн.
Преку овие докази, од кои за дел обвинителката рече дека таа веќе ги презентираа пред судот, адвокатите на Камчев целат кон тоа да докажат дека се било легално и заведено односно сакаат да ја побијат тезата на обвинителството дека на вакво начин се прекривало потеклото на парите. Во случајот првообвинет е експремиерот Никола Груевски и според обвинителството парите потекнуваат од донации од партијата, кои преку Белизе влегле во земјава.
Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.
В.В.