Пратеничкиот мандат на бегалецот Груевски денеска на дневен ред во Собранието

by fokus

Пратеничкиот мандат на бегалецот Никола Груевски денеска е повторно на дневен ред на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Павле Богоевски, претседателот на оваа комисија, нема да ја води седницата затоа што е во оставка и истата должност ќе ја преземе заменичката Снежана Калеска – Ванчева.

Вчера од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ им порачаа на своите пратеници да гласаат според Уставот и законите.

Според Законот за уставните и деловничките одредби за одземање на мандатот на пратеник:

“На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.“

Собранието и лани во ноември се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. Денеска по шестмесечно отсуство од работата на Собранието, бегство во Унгарија, на Груевски по закон му следува одземање на мандатот. Но, повторно е потребно двотретинско мнозинство, односно за тоа треба да гласаат 80 пратеници.

Поврзани новости