Случајот со двете братчиња од Велес, едното на возраст од четири, а другото на осум години, кои беа пријавени за исчезнати од нивниот татко, предизвика реакции во јавноста.
Како потсетување, децата излегле од нивниот дом во саботата околу 19.30 часот, а кога не се вратиле дома, таткото го пријавил случајот во Полициската станица Велес во неделата, околу три часот наутро.
Наредниот ден, братчињата сами се вратиле дома, а на родителите им кажале дека отишле да се прошетаат, се заиграле, и преноќиле кај другарче.
Приказната звучи нереално, првенствено поради возраста на децата, но од СВР Велес за ,,Фокус” велат дека не се изненадиле од случајот, бидејќи и во минатото биле сведоци на слични настани.
-Станува збор за Ромско семејство, кое едноставно така функционира. Децата излегуваат кога сакаат, се враќаат кога сакаат, очигледно немаат доволно родителска контрола. Повеќе не изненади тоа што таткото ги пријави за исчезнати, отколку што тие без дозвола излегле, бидејќи сме имале случаи кога преноќуваат кај другарчиња и тоа семејствата го сфаќаат како нешто сосема вообичаено – ни изјави портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.
Тој додава дека за настанот се известени и социјалните служби.
Вики Клинчарова