По 12 години Љубе Бошкоски дочека ослободителна пресуда за ,,Кампања”, за ,,џабе” лежел 5 години во затвор

by fokus

Лидерот на ,,Обединети за Македонија”, Љубе Бошкоски, денеска во Кривичниот суд беше ослободен од обвинение на повтореното судење за случајот ,,Кампања”. Не се докажа дека тој земал 100.000 евра од странски државјанин за нелегално финансирање на изборната кампања за изборите од пред 12 години.

Тој беше уапсен веднаш по изборите на 6 јуни 2011 година, пред ресторанот „Воденица“ во Скопје под сомнение за нелегално финансирање на изборната кампања.
Беше осуден на пет години затворска казна која ја одлежа во „Идризово“.

Подоцна, Судот за човекови права во Стразбур одлучи дека на Бошкоски му биле прекршени правата на фер судење, во случајот „Кампања“, по што тој побара повторување на судењето.

Меѓународниот суд утврди и дека истражен судија решил да му додели статус на загрозен сведок на пријател на Бошкоски. На повтореното судење не се појави загрозениот сведок, бидејќи од МВР му одговориле на судот дека не можат да го обезбедат бидејќи нема белешки од кои можат да му го утврдат идентитетот.

Меѓународниот суд констатираше и дека во текот на целото судење имало „недостиг на правичност“ согласно Европската конвенција за човекови права, поради што пресуди да му бидат исплатени 4.500 евра за нематеријална штета и 1.220 евра за судски трошоци.

За неговото апсење односно нечовечкото постапување на полицијата при неговото апсење, во Кривичен се водеше предметот „Тортура“, а меѓу обвинетите беше и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Сепак овој случај заврши со првостепена ослободителна пресуда.

В.В.

Поврзани новости