Петровска: Веста дека му е одреден притвор на градоначалник е лажна

by fokus

Не е точна веста дека за еден градоначалник е определен притвор, поради наводен предизборен поткуп. Веста ја објавија дел од сајтовите, а истата ја демантираше заменик министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Таа на својот фејсбук профил ја сподели објавата на еден од порталите со коментар “лажна вест”.

Демант стигна и од МВР.

-Во врска со информацијата обајвена во дел од интернет порталите дека во Велес се давани пари како поткуп во вид на социјална помош на граѓаните, Ве известуваме дека во СВР Велес ниту е пријавен таков настан ниту пак е постапувано за таква работа. Апелираме до овие медиуми да не изнесуваат невистини, особено во период на предизборен молк. За сите потребни информации стоиме на располагање на медиумите, велат од МВР.

И во текот на вчерашниот ден се ширеа лажни вести, според кои наводно полицијата трага по граѓани кои објавиле шеговити коментари на социјалните мрежи во кои пишува на гласачкото ливче да се шкртне додавката Северна. На информативен разговор за ваков коментар беше повикан директорот на скопската зоолошка Ѓорѓи  Галетановски, но не и други лица.

-Во случајот со ФБ и твитер објавите поврзани со гласањето на целата јавност и е јасно дека станува збор за шеговити постови во кои нема кривично дело и токму тоа е евидентирано од страна на полициските службеници.

Нема да дозволам лаги и невистини да се шират, ниту пак да се гуши слободата на било каков начин. Живееме во демократска држава во која слободата на изразување не е кривично дело. Така и ќе остане, напиша вчера Петровска.

 

Поврзани новости