-Кога градоначалникот Тони Делков изјави дека во Неготино депонија нема да има, тој всушност мислел – референдум нема да има! Депонија дали ќе има или не, се уште не се знае – тврди Златко Пенков, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Неготино.
Тој обвини дека Делков, претседателот на Советот Диме Витанов и советниците од редовите на СДСМ се обидуваат да ја изиграат вољата на народот, и покрај собраните 3.323 потписи за распишување на референдум против изградба на депонија за индустриски инертен отпад.
-Замислете, тие одлучиле да не ги испочитуваат тие потписи! Оваа одлука е манипулативна и неприфатлива. За време на собирањето на потписи за распишување на референдум по иницијатива на граѓанското здружение ,,Ековита”, властите на СДСМ вложија максимален напор да не се собере потребниот број на потписи и се потсмеваа со граѓаните кои го дадоа својот потпис. Кога требаше јавна дебата, тие не дозволија да се дебатира. Откако увидоа дека се собраа потребните потписи и референдумот е на прагот, се одважија да ја поништат одлуката за урбанистички план вон населено место за изградба на депонија на Седница на Совет.
Но, запрена е постапката за изградба на депонија по решение од Државното правобранителство, заради недоследности во постапката, но не и по нивна воља.
Затоа сметаме дека оваа постапка моментално е запрена, но не и завршена – изјави Пенков на прес конференција.
Тој порача дека референдумот се стопира противзаконски и побара веднаш да се распише референдум.
Ова е прва прес конференција на ОК ВМРО ДПМНЕ Неготино, откако на 29-ти јануари на Седница на Советот градоначалникот Тони Делков и пратениците од СДСМ Неготино излегоа со став дека референдумот е беспредметен и само ќе и донесе трошок на општината, и покрај тоа што се исполнија законските услови за одржување на истиот.
Вики Клинчарова