Претседателот Стево Пендаровски во Битола присуствуваше на отворениот ден за граѓаните со учесниците на воената вежба „Одлучен удар“, најголема воена вежба досега организирана во државата, соопштија од Кабинетот на претседателот.
Пред граѓаните на Битола биле претставени опремата, постапките и процедурите што се користат при спроведување на вежбата, како и дел од вештините на војниците учесници на вежбата.
– Имавме прилика денеска во Битола да видиме дел од опремата, вооружувањето, па и дел од персоналот војници и старешини кои учествуваа на вежбата која во изминатите месец и половина се одвиваше на воениот полигон „Криволак“. Тоа е најголема воена вежба во историјата на нашата земја, со околу 2.700 војници вкупно. Тука ми е посебна чест што имаше и припадници на американскиот контигент, од кои околу 40 проценти беа во составот на таа мултинационална вежба. Значи над 1.200 американски војници имавме на наша територија, што е само показател дека стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави трае, успешно е, ефикасно е, и со нивна помош очекуваме до крајот на годината да ја постигнеме и формално најголемата стратешка цел која ја имаме зацртано уште во деведесетите, а тоа е полноправното наше членство во НАТО алијансата. Во тој дел можам да ве информирам дека процесот на ратификација на пристапните протоколи во сите земји-членки оди со одлично темпо, дури и во овој, практично веќе, летен период. Очекуваме уште 11 ратификации. Останатите земји-членки од 29 тоа го завршија. Во овие 11 постапката е или почната или е при крај. Она што е за нас битно е што во државите кои внатрешно имаат компликувани процедури од технички аспект, или имаат да речеме дводомни парламенти, таа постапка е веќе поодмината. Ние се надеваме до 4 декември, до самитот на НАТО кој е веќе закажан во Лондон, Велика Британија, да станеме и формално 30 членка на алијансата, токму во годината кога НАТО слави 70 години од своето формирање – изјавил претседателот Пендаровски.
Вежбата „Одлучен удар“ се изведува на армискиот полигон „Криволак“ од 5 јуни до 9 јули и на неа учествуваат околу 2.700 војници од нашата држава, САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора. Целта на вежбата е зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците, подобрување на интероперабилноста, унапредување на заемното разбирање, доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.