Палчо тврди дека бил во банка на денот на убиството на Вања, извршил трансакција во 11.44 часот, но според обвинителатвото девојчето веќе било убиено до 9.30 часот, па доказот нема вредност

by fokus

На денот на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, обвинетиот Љупчо Палевски тврди дека бил во експозитурата на Халк банка во Буњаковец. Тој во листата на докази приложил уплатница со извршена трансакција на 27 декември 2023 година, во 11 часот и 44 минути. Сега од судот бара да се обезбеди снимка од камерите на банката за да се види во колку часот точно дошол во банката и колку време се задржал.

Според обвинителството, пак, Ѓорчевска веќе била убиена до 9 часот и 30 минути, па затоа овој доказ воопшто не е релевантен за случајот.

- Advertisements -

-Оваа снимка не е од интерес за постапката, бидејќи од презентираните видео записи од ,,Сејф сити”, на 27 декември 2023 година, произлезе дека возилото ,,рено кангу” управувано од Палевски во 10 часот веќе се враќа во политичката партија Десна, а времето од упплатницата е 11 часот и 44 минути, истакна обвинителката.

Одбраната на Палевски пак реагираше дека на снимката од,,Сејф сити” не се гледа неговиот лик, па затоа уплатницата била релевантниот доказ.

-Со тоа го докажуваме спротивното од обвинителство, бидејќи нивниот доказ како возила се шетаат низ Скопје, без утврдени ликови, не е доказ. Палевски пак со сведок се наоѓа во Халк банка. Не е возможно во ист период да биде на две различни локации, рече адвокатот Јовица Страшевски.

Тој побара судот по службена должност да обезбеди и доказ од Телеком, за тоа каде според базните станици бил лоциран телефонот кој го користел Палевски, во критичниот период, бидејќи, како што рече, само за телефонот на Палевски не се обезбедени вакви податоци.

Судењето е во тек.

Малата Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Валентина Вурмо

Поврзани новости