Падна предметот за ,,Организаторите на 27 април”, уважена амнестијата на Јанакиески, Вељановски, Ристески и Атанасовски

by fokus

Падна предметот за ,,Организаторите на 27 април”, бидејќи денеска во Кривичниот суд е уважена амнестијата на обвинетите Миле Јанакиески, Трајко Вељаноски, Спиро Ристески и Владимир Атанасовски.

„Барањето за примена на амнестија поднесена од обвинтетите Трајко Велјановски, Спиро Ристески, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски се уважува. Се запира кривичната постапка поведена со обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 31.05.2019 година за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност од член 313 од Кривичниот закон“ изјави судијата Илија Трпков.

Судијата Трпков досега во два наврати одлучуваше дека амнестијата не ги опфаќа овие обвинети, но Апелација бараше и по трет пат да се произнесе. Последниот пат ситуацијата се смени бидејќи и обвинителството даде позитивно мислење.

-Во досегашната постапка, ниту Јавното обвинителство ниту Основниот кривичен суд Скопје во дадените мислења и пресуди не се имаат произнесено експлицитно во поглед на важењето на Законот за амнестија за конкретните обвинети. Ова впрочем произлегува и од пресудата на Апелацискиот суд Скопје кој го врати предметот на повторно одлучување токму со прецизни задолженија за произнесување во поглед на ова правно прашање.
Ова е првпат за прашањето да се одлучува на стручен колегиум на Јавното обвинителство во проширен состав, ни одговорија неодамна од Обвинителството.

Надлежна за предметот е обвинителката Искра Хаџи-Василева, но сепак оваа одлука таа не ја донела самостојно, туку како што потенцираат од Обвинителството, мислењето било донесено на стручен колегиум.

Судијата ја образложи својата одлука.

„Јавното обвинителство како подносител на обвинението, по укинувањето на решението од овој суд, имаше неколку неодредени произнесување до амнестијата, се додека на минатото рочиште не даде јасен предлог дека Трајко Вељановски, Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски треба да се амнестираат, бидејќи за нив важел законот. Лично и како совет, се уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот беше во никој случај организаторите да не се амнестираат. Но во Законот за амнестија во одредбите, има сврзник според кој Јавното обвинителство и Апелација сметаат дека овие обвинети не се лица кои постапувале спротивно на службените овластувања при вршење на кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок“, рече судијата Илија Трпков.

Судијата додаде: „Имајќи во предвид на наведеното, на крајот ќе произлезе дека осудените лица за настаните од 27 април, сами се организирале, сами размислиле дека треба да влезат во Собранието, кршат и тепаат. На сите ни е јасно, а и на осудените лица во затворите – дека тоа не е така, дека некој ги организирал да влезат во Собранието. Инаку тоа не може да се случи. Не може да се пробие полициски кордон на кошаркарски натпревар, а не во Собранието“.

В.В.

Поврзани новости