Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, во интервју за МИА, појаснува дека отпадот од заболените од Ковид-19, кој се собира од болниците, се третира како медицински отпад, а отпадот на луѓето кои се во самоизолација се третира како кумунален отпад.
-Во поглед на медицинскиот отпад, ние имаме на сила регулатива за неговото управување и во неа е вклучен аспектот на инфективните болести. Светската здравствена организација и сите други светски институции кои се занимаваат со ова прашање утврдија дека КОВИД-19 не бара поинаков третман на отпадот од останатите постоечки заболувања. Исто така собравме мислења од локални експерти и ја погледнавме праксата со постапувањето со отпадот на останатите земји. Медицинскиот отпад се третира посебно, додека отпадот од лицата во самоизолација се третира како комунален отпад, вели министерот.
Тој додава дека отпадот од граѓаните кои се во самоизолација треба да се пакува во две ќеси.
-Сепак, треба да се осигураме дека се заштитени и вработените во комуналните претпријатија и затоа препорачавме отпадот од лицата во самоизолација да се пакува во две ќеси пред отстранување. Она што го забележавме е и дека количината на нашиот комунален отпад е зголемена, со тоа што граѓаните се дома, но истовремено количините на комерцијалниот и индустрискиот отпад се намалени, вели министерот.