Хаки Азири, еден од осудените за случајот ,,Монструм”, од неодамна повторно е слободен граѓанин, односно излезе од затворо.
Тој ја издржа деветгодишната казна која му беше досудена за вмешаност во петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, односно за убиството на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, како и за рибарот Борче Стевковски.
„Казната му истекува на 29 јули 2024 година“, ни одговорија од Управата за извршување санкции пред три месеци.
Бидејќи датумот помина, ,,Фокус” го праша новиот директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, дали Азири излегол, по што ни изјави дека осуденикот од затвор излегол на 30 мај 2024 година, односно пред два месеци.
Азири првично беше осуден на казна доживотен затвор, но откако предметот беше укинат од Врховниот суд и премина во рацете на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), нему му беше одмерена полесна казна.
Како и висината на казната, така и неговиот статус во предметот се промени низ годините. Од првичната улога на загрозен сведок, набргу стана обвинет.
Имено, набргу по крвавиот чин, за време на истрагата, тој во два наврати има дадено исказ пред истражен судија како загрозен сведок, што значи со скриен идентитет, но потоа се премисли и се откажа од улогата по што стана обвинет.
Откако случајот премина во рацете на обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, неговото првично сведочење беше јавно објавено во судница. Беше пуштен видеозапис од исказот, кој Азири го дал како загрозен сведок на 7 мај 2012 година.
Поради лошиот квалитет на снимката, односно звук, тогаш судијата го прочита исказот, истакнувајќи дека целта била да се види дали на снимката Азири бил тепан, бидејќи тој отпосле обвинуваше дека тогаш бил присилен да ја даде таа изјава со која опишува дел од петкратното убиство.
Според неговиот тогашен исказ, тој, со автомобил „опел омега“, ги возел Агим Исмаиловиќ и Алил Демири, а потоа требало да ги чека кај обиколницата во 19.20 часот.
– Тие кај себе немаа оружје, носеа црни капи, но јасно им го видов ликот. Имаа ракавици и на себе носеа црни тренерки. Ги прашав што се случи, а Африм ми одговори: „Направивме гомнарија, убивме човек, вози кај тебе дома“. Тргнав со автомобилот, возев право, ништо не ги прашав, ниту, пак, тие двајца разговараа – вели Азири во својот исказ.
Тој тогаш додал дека од медиумите дознал што, всушност, се случило, а јасно му било сѐ кога полицијата објавила дека го бара возилото „опел омега“.
– Кога ми стана јасно што се случува, имав кошмари, не спиев, ме гризеше совеста, ослабев 20 килограми, на никого ништо не кажав, го чував за себе додека не ме побара полицијата – раскажува Азири на снимката.
Неговиот изказ на 7 мај се совпаѓа со тој што го дал и на 2 мај, а кој, исто така, беше прочитан во судница.
Подоцна Азири се премислува и се откажува од сведочењето, велејќи дека бил физички и психички малтретиран по што од загрозен сведок, станува обвинет. Сепак, никогаш не беше докажано дека тој бил тепан или малтретиран за да сведочи лажно.
Иако се повлече, сепак и понатаму обвинителството случајот го градеше на неговиот првичен исказ, тврдејќи и останатите докази ја потврдуваат истата теорија.
За убиството на четирите момчиња и рибарот, од пред 12 години, зад решетки завршија само тројца. Агим Исмаиловиќ, кој издржува казна доживотен затвор, Фејзи Азири, осуден на 15 години, и Хаки Азири, кој доби 9 години.
На доживотен затвор, во отсуство, беа осудени и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, но тие живеат на слобода во Косово.
Валентина Вурмо