Вишиот обвинител Јован Цветановски донесе одлука за предметот „Бонусите на СЈО“ и реши да го укине решението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за запирање на постапката и предметот со напатствија го врати назад. Од Обвинителството со кое шефува обвинителот Ислам Абази ја потврдија информацијата за „Фокус“ и посочуваат дека ќе се постапи согласност дадените напатствија од Вишото скопско обвинителство.
Неодамна, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција одлучи дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите кои ги земале во СЈО, бидејќи не го прекршиле законот, односно нивната шефица Катица Јанева, која е потписникот. Сепак, ваквата одлука не и се допадна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па поднесо жалба до Вишото обвинителство во Скопје.
Она што не беше јасно е од каде политичката партија се најде за повикана или мотивирана да поднесе жалба, кога таа не е оштетена странка во предметот, па со тоа и немаат право на жалба.
Ова јасно е предвидено во член 288, став 2, од ЗКП, каде што стои:
„Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од 8 дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител“.
Партијата во овој случај се јавува како пријавител, односно подносители на кривичната пријава, но немаат својство на оштетени. Досега, според нашите сознанија, во вакви случаи, пријавителите само се известуваат за одлуката на обвинителството. Во случај пак кога пријавителите, без да бидат и оштетени, поднесувале жалби, според досегашната пракса на вишите обвинителства во старт биле отфрлани и воопшто не биле разгледувани.
Сепак обвинителот Цветановски одлучил дека предметот треба да се врати назад и повторно да се постапува по него. Токму за овој случај шефот на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој во моментот е суспендиран, го обвини републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски дека му правел притисок обвинителството да ја отфрли жалбата. Обвинителот Коцевски пак ги негираше неговите обвинувања.
Претходно од Обвинителството појаснија зошто пријавата за „бонусите“ била отфрлена. Од таму образложуваа дека постапувајќи во предметот прибавиле обемна документација и ги декласифицирало ревизорските извештаи и правилниците што беа донесени од страна на тогашната јавна обвинителка Катица Јанева.
„Во предметот беше извршено и детално економско-финансиско вештачење, а од вештиот наод и од целокупните материјални докази произлезе дека тогашното Специјално јавно обвинителство, за целокупното работење, вклучително и за финансиските активности, изготвувало извештаи, што согласно законот биле разгледувани од Советот на јавните обвинители и од Собранието. Не се констатирани отстапувања меѓу обезбедените парични средства предвидени во финансиските планови што биле одобрени со Буџетот на ова обвинителство и реализираните парични средства во тековното работење во анализираниот период“, одговорија од Обвинителството.
Воедно, додаваат и дека не било сторено кривично дело.
„Од севкупната постапка произлезе дека дејствијата преземени од јавниот обвинител на ова обвинителство во врска со носењето правилници за додатоци на платите и одлуките за почитување на принципот на тајност во врска со материјалите од незаконското следење на комуникациите, како и исплатата на додатоци на плати и надоместоци по основ на наведените акти, не претставуваат дејствие на извршување на пријавените кривични дела, ниту на други кривични дела што се гонат по службена должност. Согласно сите утврдени факти, донесено е решение за отфрлање на кривичната пријава“, велат од таму.
Сега пак повторно ќе треба да постапуваат по предметот.
За исплатата на бонусите во СЈО уште во 2019 година, Обвинителството за организиран криминал и корупција на чело со тогашната шефица Вилма Русковска отвори предистрага. Според ревизорскиот извештај, кој беше нарачан од Русковска, првичните информации беа дека се спорни 4,6 милиони евра.
Државниот завод за ревизија за платите немаше никаква забелешка, но забележале дека законските додатоци за доверливост, ризик и посебни услови за работа, наместо 35 проценти од плата, биле унифицирани за сите обвинители и тие месечно за ризикот добивале по 70.000 денари плус на основната плата.
В.В.