Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето.
Обвинетите, како лекари – специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, несовесно постапувале породување на пациентка од с. Смилево, Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето, информираат од ОЈО Битола.
Од Обвинителството објаснуваат дека родилката била примена за породување на 12.10.2019 година околу 17:00 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите. Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност заради недоволен доток на кислород, што пак претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено. Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал.
„Интервенцијата кај родилката била извршена околу 06:30 часот на 13.10.2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство од Битола.