Нинџа: Марко Зврлевски дојде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ неколку дена по „27 април“

by fokus

Oд штабот на ВМРО-ДПМНЕ се координираше целата акција на 27 април 2017 година, тврди Александар Василевски-Нинџа во своето сведочење денеска во случајот за организаторите на настаните од 27 април, пренесе „360 степени“.

„Во 17:30 часот ми се јави Сприо Ристовски и ме повика во штабот. Околу 17:45 часот ми се јави и Сашо Мијалков, кој ме повика и рече ‘дојди во база’. Околу 18:30 часот со Веле Петеушевски се упатив во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Влеговме преку гаражата ‘Тодор Александров’. Веле остана во бифето, а јас се качив на 8. кат. Кога влегов во салата за состаноци, таму беа Митко Чавков, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришковска. Сите зборуваа на телефон, беше вклучен телевизор на ТВ Нова, се гледаше преносот од пред Собрание.

Чавков ме погледна во стил ‘што бараш тука’. Јас реков дека го чекам директорот, мислев Мијалков ќе го најдам таму, но не го видов. Седев до Чавков, носеше тренирки, патики и елече, отспротива беше Кирил Божиновски, двајцата министри беа во фармерки. Како што се движеше толпата пред Собрание така почнаа да координираат. Тоа беше оперативен штаб каде што се издаваа наредби“, сведочеше Нинџа.

За Чавков рече дека разговарал со двајца началници и им рекол да дејствуваат пасивно. Миле Јанакиески разговарал со Крсто Муковски, а Спиро Ристовски со Богдан Илиевски-Бетмен. Билјана Бришковска, пак, како што рече, била на директна линија со Трајко Вељаноски.

„Беше разочарана дека некој не ја завршил работата внатре, не предизвикал инцидент. Зашто пратениците како Антонио Милошоски, Борис Змејковски, Илија Димовски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов не предизвикале инцидент и не ја завршиле работата…зборуваше Нинџа.

Тој раскажуваше и дека хард-дисковите од Собранието ги извадил Сашо Марковски од УБК (обвинет во претходниот предмет), а потоа биле однесени во тајна база на Управата во близина на Државна болница, каде што со преса биле уништени, а потоа со ножици пресечени на помали парчиња. Оттаму, уништените хард-дисковите Никола Бошкоски ги фрлил во Вардар од мостот кај Мичурин. Со него бил и Нинџа.

Нинџа раскажуваше и што се случувало по 27 април, кога обвинителството издало потерница за 15 луѓе за учество во толпа.

„Деновите по 27 април Никола Бошковски ми рече дојди на 8. кат во штабот ма ВМРО-ДПМНЕ. Тука беа Билјана Бришковска, Миле Јанакиевски, Владимир Атанасовски и тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски. Разговараа за обвинението за одредени лица“, рече Нинџа.

Поврзани новости