За неполн месец, откако се објави песната ,,Грин форсис” со која Македонија ќе настапи на Јуниорски Евросонг во Париз, Франција, истата веќе стана хит кој се слуша во повеќе земји, а на музичкиот канал Јутјуб има над 1,1 милион прегледи.
Коментарите на љубителите на музичкиот натпревар се позитивни и ни се предвидува висок пласман, па дури и победа на Јуниорски Евросонг. Песна кој се ,,лепи” за уво и лесно се памти, како и стихови со тема која е доста актуелна – заштита на животната средина, е она кое на слушателите ширум светот им се допаднало, и кои под објавеното видео ни прогнозираат успех.
Текстот за ,,Грин форсис” е дело на Робин Зимбаков, додека музиката е потпишана од Роберт Билбилов, а ја изведуваат четворица тинејџери од актерската екипа на проектот ,,Дајте музика”.
Изведувачите Анастасија, Филип, Кики и Миха беа избрани од страна на Македонската радиотелевизија да ја претставуваат нашата земја на Детскиот избор за песна на Евровизија 2021 во Париз.
Околу огромниот број на прегледи на песната, Билбилов за ,,Фокус” вели дека е среќен што целиот пакет го погодил вкусот на народот.
-Ние тргнавме со мисла да направиме убава песна со глобална порака. Најпрвин почнавме со правење песна за третата сезона на ,,Дајте музика” и на крај стигнавме до Јуниорски Евросонг…
Се што ни се случува денес ни е само гратис. Немаме преголеми очекувања, убаво би било и да победиме, како што и сите ни предвидуваат. Но, за мене и нашиот тим ние сме веќе победници.
Успеавме да направиме песна, видео и целосен пакет кој го погодува вкусот на народот. Уште не се одржал фестивалот, а песната се врти на радио станици во Британија, Канада, Малта и регионот – раскажува музичарот.
Додава дека Анастасија, Филип, Кики и Миха се многу талентирани, но и дисциплинирани, и ја заслужуваат поддршката од цела јавност.
-Дечките од ,,Дајте музика” се деца со невидена харизма, дисциплина, талент… Секој од нив како поединец е нешто посебно. Ја заслужуваат нашата поддршка сега, денес… И сите сме благодарни за таа поддршка – ни изјави Билбилов.
Видеозаписот „Грин Форсис“ го изработи продукцијата Вертиго Вижуалс.
Детскиот Евросонг ќе се одржи на 19 декември 2021 година во Париз, Франција.
Вики Клинчарова